7 февруари: Нова ЕУ методологија, тешките задачи на ДКСК, Спасовски чист пред законот, Мизрахи со противуставни акти…

Евроамбасадорот Самуел Жбогар ја промовираше новата методологија за преговарање на земјите кандидати што завчера ја објави еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји. Жбогар ја оцени методологијата како документ кој обезбедува добар баланс меѓу различните ставови на земјите членки, оние што имаат проблеми со процесот на проширување и оние кои се големи промотори на проширувањето.

Кредибилност, поголемо политичко управување со процесот, предвидливост и динамичност се четирите принципи на кои се базира новата методологија, а со неа земјите-членки ќе имаат поголема улога во оценувањето на напредокот на земјите кои преговараат.

Вклучувањето на секоја земја-членка во проценката на прогресот, според Жбогар нема да го направи преговарањето процес без крај, туку напротив на тој начин земјите-членки ќе бидат ставени во игра доволно рано во преговорите за да нема никакви проблеми подоцна и тие понатаму да ја преиспитуваат одлуката на Европската комисија.