ОБСЕ/ОДИХР почна мисијата за набљудување на изборите

Набљудувачите на ОБСЕ/ОДИХР ќе го следат и овој изборен циклус. Нивната долгорочна мисија е веќе започната, а на денот на изборите, 250 краткорочни набљудувачи ќе се приклучат на мисијата. Шефот на мисијата, Тана Де Зулуета не ги коментираше последните измени во Изборниот законик за кои се вели дека се препораки на ОБСЕ/ОДИХР. За проценките за влијанието на овие измени и другите дополнителни препораки, рече дека треба да се почека крајот на процесот.

Тана Де Зулуета, шеф на мисијата на ОБСЕ/ОДИХР

“Некои од овие амандмани се однесуваат на приоритетните препораки на ОБСЕ/ОДИХР, со помошта што ја дадовме во областа на законодавството. Ќе видиме, но е рано да се каже дали е доволно. Како што споменав, беа одобрени само некои од препораките.”

ОБСЕ/ОДИХР не дава претходна проценка на очекувањата за овој процес, но проценува дека кампањата се очекува да биде многу активна.

Тана Де Зулуета, шеф на мисијата на ОБСЕ/ОДИХР

“Не можам да ви кажам или да испратам порака, освен да продолжиме со соработката што ја започнавме, да ги слушнеме сите страни во изборната кампања која ветува дека ќе биде многу активна и со силни противници. Ги набљудуваме и ќе извлечеме свои заклучоци.”