Како земја преговарач имаме право да се вклучиме во европскиот солидарен фонд, кој се активира за покривање на потребите на земјите членки од кој досега се искористени околу пет милијарди евра за разни природни катастрофи и несреќи, изјави вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи, во однос на координацијата со ЕУ во врска со справување со предизивиците и последиците од пандемијата на Ковид-19.
– Согласно иницијативата на Европската Комисија, за финансиска поддршка за ликвидност на претпријатијата погодени од епидемијата, побаравме пристап до овие средства и на Банката за поддршка на развојот на Република Северна Македонија, со што би се обезбедиле брзи и краткорочни заеми кои брзо се одобруваат, а чие време на доспевање е до една година и може многу да помогнат во надминување на проблемите со ликвидноста на малите и средни претпријатија, изјави Османи.