Се зголемува бројот на жртви и потврдени случаи на коронавирусот во Грција, вкупно 32 починати, над 1.000 заразени граѓани

Во изминатите 24 часа во Грција уште четири лица го загубија животот од коронавирусот, а регистрирани се 95 нови случаи, со што бројот на жртвите се зголеми на 32, а бројот на заразени лица на 1061, јави дописничката на МИА од Атина.

На одделите за интензивна нега во грчките болници, хоспитализирани се 69 лица, кои се приклучени на апарати, а нивната просечна возраст е 66 години, соопшти денеска претставникот за Ковид-19 од Министерството за здравство на Грција, професорот епидемиолог Сотирис Циодрас.

Во грција, до сега, анализирани се 14 363 примероци.

Бројот на починати во Грција денеска се зголеми на 32 лица, од кои 25 се мажи, а седум жени на просечна возраст од 73 години.

Професорот епидемиолог Циодрас рече дека Грција, според досегашните податоци, се наоѓа „во доброто сценарио и не го следи лошото сценарио“, што е случај во други земји, споменувајќи ја Италија како пример, со драстично зголемување на случаите и жртвите.