Словенија со две милијарди евра ќе им помогне на граѓаните и компаниите – платите на државните функционери се намалуваат за 30 отсто

На специјална прес конференција словенечката Влада ги претстави долгонајавуваните мерки за помош на граѓаните и компаниите кои имаат финансиски последици поради коронавирусот, јави дописникот на МИА од Љубљана.

Премиерот Јанез Јанша кажа дека Владата подготвила „мега” законски пакет кој предвидува вкупна помош од две милијарди евра, со цел државата без поголеми последици да ја помине кризата.

Тој објави дека додека трае епидемијата платите на сите именувани државни функционери ќе бидат намалени за 30 отсто.

За да се зачуват работните места државата го презема плаќањето на придонесите за сите вработени, а здравствените трошоци за време на епидемијата целосно ќе ги покрива Фондот за здравство, а не работодавецот.