Адвокати бараат да прекинат судските постапки и да запре застарувањето на предметите

0
84

Според адвокатите, Кривичниот суд – Скопје врши директна повреда на мерките за спречување на ширењето на коронавирусот, со самото тоа што се одржуваат рочишта на кои присуствуваат повеќе од пет лица

Да прекинат времено сите судски постапки, освен оние каде што се одлучува за определување притвор; владата да донесе уредба со законска сила, со која ќе се спречи застарување на предметите; судските сали да се дезинфицираат по секое рочиште; да се обезбедат заштитни маски и ракавици за секое лице што ќе влезе во судовите. Со вакви барања излегоа денеска 75 адвокати во иницијатива испратена до Судскиот совет и до Врховниот суд, како и до премиерот и надлежните министри и сите амбасади во земјава.

 

Според адвокатите, Кривичниот суд – Скопје врши директна повреда на мерките за спречување на ширењето на коронавирусот, со самото тоа што се одржуваат рочишта на кои присуствуваат повеќе од пет лица. Со тоа, како што се наведува, се загрозува и здравјето на бранителите во предметите. Поради тоа, адвокатите предлагаат преземање на неколку мерки:

 

Сите постапки во судовите привремено да се прекинат, а единствено да се држат рочишта каде што по барање на надлежен обвинител треба да се одлучи за определување мерка притвор, како и за случаи каде е утврдена кривична одговорност поради повреда на мерките за спречување на ширењето на коронавирусот, за кои се постапува по казнен налог за што одлуките се носат без присуство на странките;

За предметите за кои ќе настане времен прекин во судењето да се донесе уредба со законска сила која ќе го прекине течењето на роковите. Со тоа нема да може да настане застареност на предметите или други негативни реперкусии. И со истекување на 90 дена да не мора главната расправа да почне одново, ниту сите докази да се изведуваат повторно, туку истата да продолжи како да немало прекин.;

По завршување на секое рочиште да се врши соодветна дезинфекција на салите, да се дезинфицираат лифтовите и сите простории во кои ќе се движат странки; , вклучително рачките на вратите и други површини кои често се изложени на допир на повеќе лица, како и да се мери температура на сите лица кои влегуваат во судот од службениот и сите неслужбени влезови;

Извор 360степени