Азески: Барањата на компаниите и реалната можност на државата да бидат избалансирани

0
75

Македонското стопанство се наоѓа пред најголемиот предизвик досега. Во моментов никој не може да процени колку ќе трае и како ќе се развива тој предизвик. Владата засега се снаоѓа добро и тоа е за поздравување, иако се работи за Влада со ограничени ингеренции. Но, мора да се упати апел за спас на домашните компании и бизниси, да се креираат мерки за сите можни сценарија. Нашите интерни анкети покажуваат дека состојбата меѓу компаниите е демотивирачка зашто недостасува предвидливоста како клучен фактор за бизнисот. Збунети сме и од немањето заедничка стратегија за справување со пандемијата од страна на ЕУ, како и од состојбата што секоја држава применува посебни мерки, што претставува основа за брз колапс на бизнисот, вели за МИА претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески, коментирајќи ја новонастанатата ситуација предизвикана од коронавирусот.

 

На прашањето, што е потребно за справување со состојбата, Азески потенцира дека во вакви услови треба да бидат избалансирани степенот на барањата на компаниите и реалната можност на државата да одговори на нив. Двете страни, додава, треба да ги приближуваат ставовите со упорни преговори.

Претседателот на најголемата бизнис асоцијација во државата порачува и дека во овој момент е важно да функционира транзитниот сообраќај низ Република Словенија и Република Хрватска. Тоа, напоменува, е од огромна важност за македонската економија и затоа мора да се направи сé тој коридор да се одржува во кондиција ако не сакаме да имаме брз колапс на економијата. Притоа, мора да се разграничи дека постои разлика во забраните за лицата и за стоките зашто се создаваат забуни кои имаат сериозен одраз на терен.