Гренел негира дека во Белата куќа се зборувало за поделба на Косово

0
67

Специјалниот претставник на Белата куќа за преговорите меѓу Србија и Косово, Ричард Гренел негираше преку социјалната мрежа Твитер дека неодамна разговарал за поделба на Косово со претседателите на Србија и Косово, Александар Вучиќ и Хашим Тачи.

Мислењето дека разграничувањето било тема на состанокот е искажано во интервју за Гласот на Америка од американскиот аналитичар Едвард Џозеф, предавач на универзитетот Џон Хопкинс.

„Тоа се лажни вести. Тоа не е дискутирано во мое присуство. Едвард Џозеф тука бил невнимателен“, објаснил Гренел, пренесува Бета.

Гренел претходно во неколку наврати, исто така и на Твитер, ги негираше тврдењата дека ги повикувал Србија и Косово да постигнат сеопфатен договор, но, исто така, потврди дека ја поддржува спогодбата договорена од преговарачите.

Едвард Џозеф изјави за „Гласот на Америка“ порано дека разговорот на Гренел со Тачи и Вучиќ во Белата куќа е за билатерален договор заснован врз принципот на поделба на Косово.