Европската комисија ја повтори препораката – Северна Македонија да почне преговори

0
81

Северна Македонија ги зајакна напорите и испорача натамошни опипливи и одржливи резултати во клучните области, се вели во извештајот на ЕК

Европската комисија ја повтори препораката – Северна Македонија да почне преговори. Ова стои во скусениот извештај за земјава што денеска беше објавен во Брисел. Во документот од неколку страници се скенираат состојбите во 3 сектори – реформи во судството, реформата на разузнавачките агенции и реформата на јавната администрација.

„Северна Македонија ги зајакна напорите и испорача натамошни опипливи и одржливи резултати во клучните области идентификувани во заклучоците од Советот од јуни 2018 г. Оттука, основите на препораката на Комисијата од 2019 година за отворање пристапни преговори со Северна Македонија остануваат валидни“ – е заклучокот на извештајот.

„Во случајот на Северна Македонија извештајот упатува на значајни чекори во насока на зајакнување на независноста на судството, како и пoдобрени резултати во борбата против корупцијата и организираниот криминал, реформа на разузнавачките служби како и во реформата на јавната администрација. Сè на се, остануваме на нашата препорака за почеток на преговори“, рече Ана Писонеро, портпаролка на ЕК:

Во делот на судските реформи Комисијата се осврнува и на неодамна усвоениот закон за јавно обвинителство, карактеризирајќи го како одржливо решение за случаите на СЈО.