Младите кои шетаат по кафулиња да знаат дека на инфективна нема wi-fi – вели претседателот на Здружение на медицински лаборанти, Апостолов

0
153

Ивица Апостолов, вработен во ЈЗУ Универзитетски институт за клиничка биохемија Скопје и претседател на Здружение на медицински лаборанти Клинички Центар Скопје, апелира младите да се воздржат од дружбите во кафулињата, поради опасноста од ширење на коронавирусот.

Додава дека е загрижен поради сликите од полни кафулиња со млади лица во тек на ден, и порача да се следат и да се сфатат сериозно препораките на Министерството за здравство и на СЗО.

-Тоа е за ваше, односно за наше добро. Гледам млади, дотерани, ги преполниле кафулињата, коњопоите, уживаат на сонце. Да помислиш дека за инает сакаат да се разболат! Би им порачал одговорност, младите можеби и нема да умрат од коронавирус и ќе бидат излечени, ама да си знаат дека на инфективна во собите за изолација нема wi-fi, а блокиран е и 4Г пристапот, верувам дека тоа тешко ќе го поднесат! Би им порачал да си седат дома, да гледаат филмови, да ги остават кафулињата за понатаму – вели Апостолов.