Пет нови случаи на заболени од коронавирус

0
77

Кај две лица кои се тестирале на приватна клиника резултатите се позитивни и тие повторно ќе бидат тестирани. Уште 31 лице е во карантин. Се затвараат граничните премини и аеродромот во Скопје. Кризна состојба не е воведена. Утре на лидерска средба ќе се одлучува за одложување на изборите

СКОПЈЕ – Уште пет лица се носители на коронавирус со што вкупната бројка на заболени во државата се искачи на 23. Станува збор за четири лица од Дебар и жена од Скопје која ноќта меѓу четвртокот и петокот слетала на скопскиот аеродром со лет од Виена а престојувала во Холандија. Контактирани се сите 31 патник во авионот како и таксистот кој ја вратил од аеродромот и тие ќе бидат ставени во домашен карантин.

Министерот за здравство Венко Филипче,соопшти дека кај две лица кои се тестирале на приватната клиника „Жан Митрев“ резултатите се позитивни но тестовите ќе се повторат утре во лабораторијата во Институтот за јавно здравје.

„ Позитивни се четири лица од Дебар и една 54-годишна пациентка од Скопје која беше прегледана на Инфективната клиника која се вратила од Холандија ноќта меѓу 12 и 13 март. Развила симптоми еден ден претходно и денеска се јавила на преглед на Клиниката. Најдени се сите контакти од семејството, таа била во домашна самоизолација, контактирани се членовите на фамилијата, возачот на таксито кој ја возел од аеродром до дома, а во овој момент се контактираат 31 лице кои се вратиле со авионот кој пристигнал од Виена. Таа е со лесна клиничка слика и веќе се хоспитализирана. Со ова бројката на хоспитализирани на Клиниката е 14“, рече Филипче.