ПРИВАТНИТЕ ЛЕКАРИ БАРААТ ПОГОЛЕМА ЗАШТИТА ОД ЗДРАВСТВЕНИТЕ ИНСТИТУЦИИ

0
89

Приватните лекари бараат од надлежните здравствени институции да ги опфатат со мерки за заштита од корона вирусот. Велат дека засега се препуштени сами да се снаоѓаат со средства за дезинфекција и маски, но и протоколи за бројот на пациенти кои можат да чекаат пред ординациите.

Лекарите од примарното здравство сметаат дека пациентите не се доволно информирани дека за симптомите од вирусот не треба да доаѓаат кај својот матичен лекар, туку да се јават на телефонските броеви наменети за тоа.

Чолакова Дервишова бара флексибилност од Фондот за здравство во примената на правилниците. Таа вели дека во ваква вонредна ситуација Фондот не смее да ја крати капитацијата на оние лекари кои евентуално би завршиле во карантин, како што е случајот со матичниот лекар од Центар Жупа, кој најмалку 14 дена нема да може да ги опслужува своите две илјади пациенти.

Од Министерството за здравство велат дека од појавата на корона вирусот постојано апелираат да не се оди на матичен лекар, а околу средствата за дезинфекција, засега приоритет биле јавните установи.

„Откако мерките се воведени, се препорачува секој да е совесен и да ги следи препораките кои укажуваат да не се оди на матичен лекар, за да се избегнат ситуации во кои тие се ставаат во директен контакт и ризик со можни заболени лица.“ – велат од Министерството за здравство.