Сменети имиња на училишта во Чаир, партиите се караат, Заев се предомисли

0
97

Поранешниот премиер Зоран Заев го смени ставот за незаконитоста во процесот на промена на имињата на училиштата во Чаир. Еден ден откако постапката ја нарече незаконска, денеска соопшти дека било констатирано оти била законски спроведена.

„После темелна анализа, правни тимови констатираа и ме информираа дека промената на имињата е согласно членот 26 од Законот за основно образование. Откако училишниот одбор донел одлука за измена на Статутот на училиштето со што се променува името на училиштето и се додава уставното име на државата, истата била потврдена и од страна на Советот на Општина Чаир. Бадентерово мнозинство не било неопходно.“-изјави Зоран Заев, Претседател на СДСМ.

Лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски е на став дека промената е незаконска и оти ваквите прашања не смее да бидат примарни пред подобрувањето на условите во училиштата.

Алијансата за Албанците го поддржува преименувањето на училиштата во Чаир, но вели дека не е фер што промените доаѓаат пред избори.

„Смешно. Ова е смешно. ДУИ е на власт 18 години и не ги смени имињата на училиштата, а ги имаше сите овластувања. Само еден месец пред изборите се менуваат имињата на училиштата, што јас го поздравувам, тоа требаше да се направи многу порано, а не сега, а коалицискиот партнер Заев излегува велејќи дека се незаконски… Мислам дека е многу некоректно пред граѓаните да ги играат овие игри што ги правеа исто како што правеа со ВМРО”-рече Арбен Таравари, генерален секретар на Алијансата за Албанци.