Спасовски: Ќе работиме посветено за брзо да се завршат преговорите за членство во ЕУ

0
79

Честитки до сите, да ги завршиме преговорите што побрзо, порача техничкиот премиер Оливер Спасовски откако денеска ЕУ одлучи Северна Македонија и Албанија да отпочнат преговори за членство во Унијата.

„Стигна верификацијата за успехот на нашите напори. За истрајноста на нашите институции да ги спроведат реформите кои ги поставивме како цел уште во 2017 година. Дополнително, Владата по барања на Европскиот совет почна да ги спроведува реформите во четирите поглавја – судство и владеење на правото, реформа на разузнавачките служби, јавната администрација и борбата против криминалот и корупцијата. Постигнавме резултати и тоа беше верификувано од ЕУ. Од денеска тоа го верификуваа едногласно и државите – членки на Унијата. Денешниот резултат е за тешките политички одлуки, за решавање на споровите со Грција и Бугарија. Без Договорот од Преспа и без Договорот за добрососедство немаше да биде постигнат овој успех. Можеме да бидеме горди зашто чекањето заврши. Успешните реформи ја кренаа бариерата, патот е само напред“,

рече премиерот Спасовски.

Спасовски вели дека земјата има перспектива во Европската Унија, без разлика дали тоа му се допаѓало некому или не. Тој смета дека поголем дел од македонското законодавство, веќе е усогласено со европското.

„Тоа е точка од која враќање нема, му се допаѓало тоа некому или не. Ќе мора да минуваме низ трансформација, низ која поминаа сите денешни членки на Унијата. Ова е признание кое требаше да го добиеме и порано. Со ова се исправа стратегиската грешка во октомври 2019, кога не се постигна консензус за одлуката која денес е постигната. Да се радуваме сите, политичките партии, етнички заедници и општествени субјекти. Да се радуваме, но истовремено и да се вратиме во реалноста и да продолжиме со битката со коронавирусот. Ќе победиме и во таа борба. Ни треба сплотеност и дисциплина. Следува приспособување на европските стандарди. Ќе работиме посветено за брзо да ги завршиме преговорите за членство во ЕУ“,

порача Спасовски.