ФИЛИПЧЕ: ТРОЈЦА ОД ПАЦИЕНТИТЕ СО КОРОНАВИРУС ИМААТ ЛЕСНО ВЛОШУВАЊЕ НА ЗДРАВСТВЕНАТА СОСТОЈБА

0
82

Од деветтемина пациенти кои имат коронавирус и се хоспитализирани на Клиниката за инфективни болести, шест се во стабилна здравствена состојба, а кај тројца од нив има лесно влошување што значи имаат поотежнато дишење, но се уште не е потребна респираторна поддршка и се интензивира терапијата. Тројцата се на возраст над 65 години. Утрово на редовниот состанок на Комисијата за заразни болести разгледавме дополнителни мерки, истакна денеска министерот за здравство Венко Филипче на прес-конференција во Владата.

Посочи дека во текот на ноќта немало тестирани пациенти, а пациент кој здрав се вратил од Германија на 7 март, изутрината со висока температура се јавил на Инфективната клиника и се очекуваат неговите резултати. Се очекуваат резултатите и на сите кои биле во изолација, а во врска со првата пациентка на кои им истекол 14-дневниот период на изолација.

– Имавме разговори вчера и со колеги од Италија кои укажаа на тоа дека во одредени делови на земјата, пред се во северните делови каде епидемијата започна дури по воведувањето на најригорозните мерки нема регистрирани нови случаи. Тоа се однесува на градот каде почна епидемијата, затоа многу ригорозни мерки сега тие воведуваат и во другите делови на Италија, во јужните делови каде нема голем број пациенти, што укажува дека треба да бидеме порадикални, истакна Филипче.

Појасни дека дополнителните мерки на Комисијата за заразни болести ќе бидат разгледани од Владата на седница, а тие вклучуваат забрана на сите јавни и приватни собири без оглед на обемот и бројот на учесници – концерти, театри, кина, спортски сали, теретани.

– Кафетериите и рестораните да работат со скратено работно време до 18 часот и внатре капацитетот да биде преполовен, што значи да се задржи дистанцата од метар ипол до два меѓу луѓето кои престојуваат таму. Да се откажат сите кино проекции, театарски претстави и концерти. Во разговор со сите јавно здравствени установи се откажуваат сите хронични пациенти чија интервенција претходно закажана може да се одложи, ќе има само итни неодложни хирушки интервенции. Една дополнителна мерка се однесува на продолжубање на терапијата на хроничните пациенти кои досега требаше да одат на лекар специјалист, од следните денови ќе можат да се обратат кај матичниот лекар. Ова нема да важи за новодијагностицираните пациенти, рече Филипче.