Ангеловска: Финансиската поддршка 14.500 денари по вработен е за задржување на вработените, но и на платите

0
109

Министерката за финансии Нина Ангеловска на денешната прес-конференција ја појасни детално мерката за финансиска поддршка од 14.500 ден по вработен, која како што рече, на фирмите кои се засегнати од корона-кризата ќе им биде ликвидносна инјекција и помош за исплата на плати. – Мерката може да ја искористат компаниите за да ги задржат тековните плати на вработените кои одат на работа, за да ги подмират целосните или најголем дел од трошоците за исплата на плати на работниците кои поради кризата не се на работа, како и во комбинација на мерките за поддршка за исплата на минимална плата и мерката за субвенција на придонеси за поголема плата, рече Ангеловска, презентирајќи ги и деталите како да се аплицира за мерката. Таа истакна дека има компании што се обидуваат да се справат со кризата, кои работат, но имаат 30-40-50 отсто пад на приходите и оттука, како што рече, целта со оваа поддршка е да можат да ги задржат работниците и покрај намалениот обем на работа и да можат да ги задржат платите или барем да ги задржат на пристојно ниво со оваа поддршка.