БЕКТЕШИ: ПОСТОИ ЕКОНОМСКА ОПРАВДАНОСТ ЗА ЗГОЛЕМУВАЊЕ НА АКЦИЗАТА

Има економска оправданост акцизите на горивата да се зголемат за 2-3 денари и Министерството за економија ќе ја поддржи ваквата одлука, вели министерот Крешник Бектеши. Цените на горивата во последните недели драстично паќаат, а Бектеши уверува дека постои заштитен механизам, во моментот кога ќе се покачат цените, автоматски да се намали акцизата. Од друга страна, вели Бектеши, мора да се мисли и на државната каса која не се полни како што беше планирано. Во првите две недели од април приходите во буџетот се помали за 38%.

Анализата на Министерството за финансии покажала дека цените на горивата во Македонија, во споредба со соседите, се најниски.

Во Република Албанија цената на горивата се 37 денари повисоки, Косово 28 денари, Србија 33 денари. Затоа ние како Министерство за економија треба да им излеземе во пресрет и на Минстерството за финансии, но и наш став е дека ние не треба да се грижиме само за страната на расходите во буџетот, туку истовремено треба да се грижиме и за страната на приходите. Што значи дека економска оправданост има. – Крешник Бектеши, министер за економија.

Македонските транспортери не се согласуваат со евентуално зголемување на акцизата за горивата. Велат дека е надвор од памет да скокаат давачките во една ваква вонредна ситуација.