Германија ги обвини САД: Ни украдовте 200 000 заштитни маски, ги плативме

САД извршија „чин на модерно пиратство“, рече денес Андреас Гисел, министер за внатрешни работи на Берлин.

Поточно, Германија нарачала маски од класата FFP2 за полициските службеници во Берлин, кои обезбедуваат одреден степен на заштита од вирусот. Ги порачале од американска компанија, но маските биле направени во Кина, пишува ДВ.

“Пратката беше запленета во Бангкок. Овој потег очигледно беше поврзан со забраната на САД за извоз на маски”, рече Гисел.

„Иако е време на криза, ние не треба да ги користиме методите на Дивиот Запад. Барам германската влада да побара САД да се придржуваат кон меѓународните договори“, додаде тој.