Научниците ги тестираат резултатите од првата вакцина против коронавирусот

Брзото ширење на пандемијата со КОВИД 19 покрај драстичните промени во светскиот поредок, влијаеше и на светската медицина, а особено на полето на развој на вакцините. Генералниот директор на Меѓународниот институт за вакцини, Џероми Ким, рече дека напорите да се направи вакцина против болеста што поскоро се без преседан и дека е нешто вонредно бидејќи на 17 март се тестираше кај човек. Ким, сепак, вели дека не се знае кога ќе биде готов финалниот производ.

„Под нормални околности потребни се пет до 10 години за да се развие вакцина. Видовме невидени брзини. Големи средства се распределуваат на компаниите да ја подготват вакцината и да ја тестираат на човечки суштества за период од четири месеци. Вонредно е тоа што на 17 март ја тестиравме вакцината, но тоа не мора да гарантира успех. Развојот на вакцината исто така се карактеризира и со висок степен на неуспех. 93% е стапката на неуспех помеѓу првиот тест на животни се до регистрацијата на еден производ”, вели Џероми Ким, Меѓународен институт за вакцини.

Физичкото растојание во моментов е најбезбедна мерка за да се спречи ширењето на инфекцијата. Неодамна, Националната академија на науките на САД преку писмо до Белата куќа потврди дека не е точно дека топлото време ќе го уништи коронавирусот. Разни научни списанија пишуваат дека мутациите на „Ковид-19“ се случуваат побавно од мутациите на другите вируси, како што се оние на сезонскиот грип.

Извор АлсатМ