Се крати од наградите за Мој ДДВ, Моја награда: Ќе има ли уште еден добитник на три милиони денари

Над 71 илјада евра, пари кои биле наменети за наградниот фонд на наградната игра „Мој ДДВ, МојаНаграда“ ќе бидат уплатени во Фондот за помош и поддршка за справување со кризата предизвикана од коронавирусот КОВИД-19. Ова е одлука која Владата ја донесе на вчерашната седница. Нема детали кои награди ќе се доделуваат, а кои ќе се намалат со оглед на тоа што беа предвидени 12 месечни извлекувања на кои 15 добитници добиваат по 100.000 денари, додека имаше предвидено и две главни награди кои вредат по три милиони денари. Едната главна награда е веќе извлечена, требаше да има уште една до крајот на годината. Инаку и месечните извлекувања требаше да бидат до крај на годината.

Според новата одлука на Акционерското друштво за приредување игри на среќа „Државна лотарија на Република Северна Македонија“ ќе му с епрепорача средствата во износ од 4.383.410 денари да ги уплати на донаторската сметка отворена во рамки на Генерален секретаријат на Владата наменета за донации од правни и физички лица за справување со КОВИД-19 епидемијата.

Во наградната игра учествуваат сите кои скенираат фискални сметки. Во еден наврат министерката за финансии Нина Ангеловска рече дека не е планирано да се укине повратот на ДДВ и порача граѓаните да продолжат да скенираат сметки. Наградната игра беше одвоен дел од оваа акција.