Во честитката по повод празникот Христово воскресение – Велигден до припадниците на православната верска заедница и до клирот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, претседателот на Владата на Република Северна Македонија истакнува дека оваа година еден од најсветлите празници ги минуваме во изолација како подвиг на секој од нас пред искушенијата, кои на светско ниво ги донесе оваа пандемијата и здравствено-економската криза предизвикана од вирусот КОВИД-19.
„Велигден е празник, кој го означува крајот на патувањето низ страдањата Христови и со кој ја славиме победата над смртта. Неретко се поставувало прашањето „Зошто Синот Божји дозволил да биде погубен и распнат?“. Но, токму воскресението и победата над смртта е Христовиот одговор на ова прашање како потврда за љубовта кон човекот. Затоа од нас годинава се очекува да ја совладаме нашата себичност, да понесеме саможртва за доброто на сите и овие денови да ги славиме во кругот на домот за да се заштитиме себеси и ближните. Во мирот и спокојството на домот да победи животот и да преминеме во нова иднина“, истакнува во честитката премиерот Спасовски.
Претседателот на Владата Спасовски во честитката по повод Велигден нагласува дека празникот во себе носи и солидарност и сострадание со другите и дека за да се справиме со овие предизвици и да ги ублажиме последиците неопходни се токму сочувство и солидарност од секој еден од нас.
„Велигден е и празник на надежта. Годинава се соочуваме со непознат и моќен непријател, кој ги искушува нашиот и животите на нашите блиски. Но, верувам дека од празникот со кој го славиме спасението сите ќе излеземе посилни и подобри. Во овие мигови на искушенија нека Божјиот благослов, преку празникот, ни даде добро здравје и духовна сила. Христос воскресна! Навистина воскресна! Останете дома“, порачува премиерот Спасовски во својата честитка по повод празникот Христово воскресение – Велигден.
Извор Тв21