Чулев: Да бидеме мудри, сочувствителни, кооперативни истрајувајќи и победувајќи го премрежието со кое што човештвото се соочува

Министерот за внатрешни работи Наќе Чулев до припадници на Министерството за внатрешни работи и до сите граѓани упати видео-порака по повод најголемиот христијански празник Велигден. -Во овие исклучително тешки моменти кога сите ние, не само во нашата држава, туку и глобално сме исправени пред еден крајно опасен предизвик кој го загрозува нашето здравје, како што е пандемијата од короновавирусот, би сакал да ви се обратам на сите вам со неколку пораки со надеж дека ќе допрат до секој од нас и ќе бидат наша водилка, наша заедничка сила која ќе ни помогне да ги санираме сите видливи и невидливи последици кои пандемијата ги остава зад себе. Јас немам дилема, немајте и вие – заедно ќе ја победиме пандемијата. Тоа што сега за нас е прироритетно е таа победа да не биде „пирова“, односно да биде со што помалку изгубени човечки животи, затоа што само човечкиот живот има непроценлива вредност, наведува министерот Чулев. Борбата за секој човечки живот, за здравјето на граѓаните мора да биде бескомпромисна, сеопфатна, дисциплинирана – со еден збор, вели, императивна сама по себе!