Акцизите на горивата и натаму се на листата на чекање

0
78

Од конечната одлука на Владата ќе зависи и колку пари може да се влеат во Буџетот – дали 46 милиони евра годишно, или помалку.

Дали акцизата на дериватите ќе се зголеми за два или за три денари и колку ќе се интервенира во цената на екстралесното гориво, остана нејасно и по вчерашната седница на Владата, од каде што не беше соопштено дали воопшто се дискутирало за предлогот на Министерството за финансии. Министерката за финансии Нина Ангеловска вчера на прес конференција рече дека зголемувањето на акцизата „има економска логика“, а дополни дека во анализите што ја имаат направено во Министерството за финансии во соработка со Царинската управа „е вклучено и екстралесното гориво, во нагорна линија секако“. Од конечната одлука ќе зависи и колку пари може да се влеат во Буџетот – дали 46 милиони евра годишно, колку што пресмета Стопанската комора на Македонија, која и ја иницираше мерката, или помалку, ако таа се усвои делумно, односно без изедначување на акцизата што се пресметува на ЕЛ-1 со онаа на дизел горивото.

„Анализите што ги правиме покажувааат дека има економска логика и дека се создадени предуслови за носење ваква одлука од Владата“, рече вчера министерката Ангеловска. Таа појасни дека не се разговара за трајно зголемување на оваа давачка, туку како за антикризна мерка.