Ангеловска: Економијата во вториот квартал од годинава ќе има сериозен пад од 15 проценти

0
69

Министерката за финансии, Нина Ангеловска смета дека економијата во вториот квартал од годинава ќе има сериозен пад од 15 проценти. Според неа пикот на економскиот пад е во април, мај и јуни, а очекува во наредните месеци економијата пополека да закрепнува. Првите два месеца од година биле солидни вели министерката и затоа очекува позитивни економски резултати во првиот квартал. ММФ проектираше пад на БДП во земјава од 4 проценти додека Светска банка прогнозира намалување на економската активност во земјава за 0,4 проценти.

„Најголемиот удар го очекуваме во вториот квартал како што посочив. Сега бројките не се официјално објавени, но меѓутоа сите неофицијално ги соопштуваат своите проекции и во која насока се движат истите. Би кажала дека предвидуваме во вториот квартал најголема контракција на економијата со износи од околу 15 проценти. Понатаму веќе, благо опоравување во третиот квартал и позитивен раст во четвртиот квартал“, изјави Нина Ангеловска, министерка за финансии.