Африка не сака да биде лабораторија за тестирање

0
79

Директорот на Светската здравствена организација (СЗО), Тедрос Гебрејесус, го осуди предлогот на француски доктори, кои сугерираа тестирање на потенцијалната терапија за ковид-19 во Африка. Тој ваквите изјави ги нарече „мамурлак од колонијалната ера“, пренесува Си-ен-ен.

– Бев згрозен од коментарите. Во време кога ни е потребна солидарност, ваквите расистички коментари нема да помогнат – изјави Тедрос на брифинг со медиумите во Женева.

Неговата изјава се однесува на забелешките дадени од француските доктори Жан-Пол Мира од болницата „Кошан“ во Париз и Камил Лохт, директор на францускиот Национален институт за здравство и медицинско истражување, кои минатата недела гостуваа на француската ТВ програма ЛЦИ, каде дискутираа дали бе-се-же вакцината за туберкулоза би била потенцијална терапија за ковид-19. Лекот клинички се испитува во Холандија и Австралија. Потоа, Мира предложил дека Африка би била идеално место за тестирање на лекот.
Извор Нова Македонија