Бигорски: На богослужбата беше само монашката заедница, не ги прекршивме препораките

0
78

Синоќешната богослужба во Бигорскиот манастир ја следеа над 250 000 луѓе само преку преносот во живо на Јутјуб и на Фејсбук, но на снимките се гледаа и голем број луѓе присутни во манастирот, што беше причина денеска да се појават критики дека не се почитувал полицискиот час, како и социјалната дистанца.

Едена од најжестоките критики ја упати партијата Алијанса за Албанците барајќи и кривична одговорност. Од Бигорскиот манастир, пак, излегоа со реакција тврдејќи дека не ги прекршиле мерките односно дека не примале верници туку присутните биле монасите, монахињите и верниците волонтери, штитениците…

„Овој случај претставува скандал, кршење на сите мерки, почнувајќи од спречувањето на движењето за време на велигденските празници и во исто време нарушување на јавното здравје на граѓаните. Православните верници, покрај тоа што не го почитуваа полицискиот час, не ја почитуваа ниту препорачаната социјална дистанца и не носеле маски и нараквици, што во овој случај тие можат да бидат извор на масовна инфекција за ширење на ковид-19“,

реагираа од Алијанса за Албанците барајќи да се преземат мерки за организаторите и учесниците согласно кривичната постапка.

Партијата обвинува и за двојни стандарди повикувајќи се на информациите дека за протестот во Сингелиќ десетици лица биле повикани на информативен разговор во полицијата.

На критиките во дел од јавноста Бигорски, пак, одговори дека синоќа во манастирот биле припадниците на нивната монашка заедница од четирите манастири: Бигорски, Рајчица, Пречиста и Кнежино.

„Заедницата ја сочинуваат над педесет монаси, монахињи, искушеници искушенички, и верници волонтери кои се дел од едното семејство во Господа. Исто така, нашите манастири, кои се занимаваат со социјална мисија и општествена хуманитарна дејност, згрижуваат над шеесет души од социјално ранливи категории, кои го делат манастирското секојдневие заедно со монасите и монахињите. Дополнително, во нашите манастири, со години, константно престојуваат околу петнаесетина градежни работници, кои, исто така, се дел од нашите заедници“,

велат од Бигорскиот манастир.

Извор 360°