Вооружен масакр ја шокира Канада

0
80

Драматични вести од Канада: Вооружен маж уби најмалку 16 лица во провинцијата Нова Шкотска во текот на викендот. Напаѓачот исто така загина. Неговиот мотив е целосно нејасен.

Најмалку 16 жртви – ова е крвавиот биланс на вооружениот масакр во источна Канада. Жртвите се пронајдени на неколку локации на злосторството во провинцијата Нова Шкотска, соопштија властите на прес-конференција. Убиена е и една полицајка.

Силите за интервенција биле повикани во селото Портапик во саботата навечер (по локално време), откако 51-годишниот напаѓач пукал околу себе во местото. Полицијата пронајде неколку тела пред една куќа и во неа, во местото кое се наоѓа на околу 100 километри северно од провинцискиот главен град Халифакс.

Полицијата го убила напаѓачот на бензинска пумпа

Потоа започна потера, која се одвиваше во неколку други општини во провинцијата и во текот на која силите за интервенција навлегоа во неколку згради кои беа во пламен, соопшти шефот на полицијата во Нова Шкотска, Крис Ледер. Конечната акција беше направена во неделата наутро, за време на која напаѓачот беше застрелан на бензинска пумпа во општината Енфилд.