Две третини од починатите од Ковид-19 во земјава се мажи

0
76

И мажите и жените се еднакво застапени во статистиката на вкупниот број на регистрирани случаи на Ковид-19 во земјава. Од 1.259 регистрирани случаи до 22 април, 48 отсто се мажи, а 52 отсто жени. Но, она што е невообичаено е половата статистика кај починатите. Бројот на починати мажи е повеќе од двојно повисок од бројот на починати жени. Така, од 56 починати лица две третини или 39 се мажи, а една третина односно 17 се жени.

Епидемиологот од Институтот за јавно здравје, д-р Владимир Микиќ за „Мета.мк“ вели дека мал е бројот на смртни случаи за да може да се коментира ваквата појава.

– Апсолутно тука сѐ е индивидуално. Во различни земји бројките за овој сооднос се различни, па затоа тука не би направил разлика. Нема некаков тренд во однос на тоа кој повеќе заболува, а нема ниту тренд ако зборуваме за смртноста. Треба да се види и во која возрасна група се тие пациенти кои заболеле и починале, од што друго боледувале. Сепак мислам дека сѐ уште е мал бројот за да се прави разлика и ако има, на што таа би се должела – вели Микиќ.

Сепак, во моментов не се јавно достапни податоците за бројот на заболени во табеларен, односно машински читлив формат, преку кој што би можеле да се направат подетални анализи.

Извор Мета