Демократски сојуз: На новинарите да им се овозможат услови за безбедна работа и приоритетно тестирање за ковид-19

0
73

Веста дека еден новинар е заразен со коронавирусот предизвика особена загриженост во јавноста и е само уште еден во низата докази дека новинарството е професија која во услови на војна или вонредна состојба секогаш е во првите борбени линии на фронтот.

Во битката на граѓаните да им пренесат навремени и точни информации што во време на криза од глобални размери е исклучително тешко, зашто по правило прва страда вистината, новинарите заедно со здравствените работници, полицијата, армијата и другите сензитивни професии, се изложени на големи ризици.

Демократскиот сојуз ги повикува надлежните органи од власта на медиумите и новинарите да им овозможат услови за непречена и безбедна работа со што помало изложување на ризик од зараза со коронавирусот. Денешниот развој на технологијата дозволува прес–конференциите, изјавите за јавноста, брифинзите за новинарите, министрите и претставниците на власта и јавните институции да ги одржуваат со современите средства за комуникација, со што помалку физичко присуство на новинарите и строго да се придржуваат до мерките за социјална дистанца и здравствена заштита.

Истовремено, ги повикуваме и сопствениците на медиумите на новинарите да им ги обезбедат сите средства за заштита, да им овозможат работа од дома, а ТВ дебатите и интервјуата да се водат повеќе преку скајп и другите технолошки алатки.

Демократскиот сојуз истовремено ги повикува здравствените власти на сите новинари кои се директно изложени на ризик од зараза со коронавирусот да им овозможи приоритетно, бесплатно и брзо тестирање за Ковид-19.

Извор 24инфо