За Велигден во карантин, олеснување на мерките во мај

0
88

Ублажување на рестриктивните мерки за движење воведени поради коронавирусот може да се очекува на почетокот или кон средината на мај, а велигденските празници граѓаните ќе ги минуваат дома со можно продолжување на полицискиот час, најавува министерот за здравство Венко Филипче.

Во изминатите 24 часа бројот на заболени од коронавирус надмина 800 луѓе, откако беа евидентирани 68 нови случаи. Најголемиот број-18, повторно се во Куманово, но линеарно зголемување се бележи и во Скопје, Прилеп, Струга и Велес. Асимптоматските случаи на заразата, во кои предничат младите луѓе, и натаму остануваат најголем проблем за здравствените власти, поради што и се најавува можно продолжување на полицискиот час за претстојните велигденски празници.

„Тие поминуваат со многу лесни па дури и со никакви симптоми и се активни преносители на вирусот и во даден момент тие ќе создадат антитела. Ние со рестриктивните мерки за движење успеваме како држава да влијаеме на овој вид ширење на вирусот“, рече Филипче. Владата ќе решава дали и во понеделникот по празникот, кој е неработен ден, ќе важи целосната забрана за движење, вели министерот.