МВР: Лажните покани со украден потпис на Несторовска стигнувале од мејл на унгарска фирма

0
75

Државната секретарка во МВР, Магдалена Несторовска, вчера објави дека на мејл на граѓани и фирми стигнувале лажни покани со нејзин скениран потпис за наводни истраги

Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при МВР денеска соопшти дека е утврдено од каде што се испраќани лажните покани со наводен потпис од државната секретарка Магдалена Несторовска кои се испратени за наводна тековна истрага до повеќе правни и физички лица во државата и надвор неа.

„По извршена проверка на електронската адреса и анализа на хедерот на пораката преку која се испраќаат лажните информации kala.tibor@famasz.hu утврдено е дека таа припаѓа на унгарскиот правен субјект FAMASZ. По извршените проверки на веб-страницата од унгарскиот правен субјект www.famasz.hu, утврдено е дека таа е хостирана во Словачка и поради тоа преку Секторот за меѓународна полициска соработка се побарани информации за сопственост кои се однесуваат на горенаведената електронска адреса“,

соопшти МВР.

Од МВР, исто така, објаснуваат и за сликата со амблем на полицијата која е интегрирана во самата порака и лажно прикажува скенирани документи во врска со наводна истрага, за која е утврдено дека е линк кон веб-страница од која потенцијално би можело да се преземе малициозен софтвер https://eeae.sa/pdf.iso, во сопственост на „Energy Environment Advisory Enterprise“, правен субјект со седиште во Бахреин, кој нуди сервисни услуги на нафтени полиња во Саудиска Арабија.

Од МВР сметаат дека слабите заштитни мерки на самата веб-страница се искористени и пронајден е начин преку кој сторителот може да шири малициозен софтвер без знаење на горенаведениот правен субјект.

Извор 360°