Нова бескаматна кредитна линија, износот на кредитот ќе зависи од бројот на вработени

0
87

Од среда компаниите ќе можат да аплицираат за втората линија на бескаматни кредити наречен Ковид 2 со вкупна вредност од 8 милиони евра, информираа министерката за финансии Нина Ангеловска и директорот на Развојната банка Кире Наумов. За разлика од претходната која се однесуваше само на фирмите од угостителската и туристичката дејноста, за овој кредит ќе може да аплицираат сите мали, и средни претпријатија. Сумата на која максимално ќе може да се земе кредитот ќе зависи од бројот на вработените.

„Максималниот износ на кредитот во оваа линија изнесува 90 илјади евра и е за три пати повисок во однос на првата кредитна линија, додека минималниот износ на кредитот останува, односно е 3 илјади евра. Сумата ќе се одредува спрема бројот на вработени кој што компанијата го имала заклучно со 31 јануари така што минималната плата ќе се помножи со бројот на вработени и со три месеци“, рече Ангеловска.

За овој кредит нема камата, трошоците за аплицирање кон Развојната банка нема да се плаќаат. Рокот на отплата е до 3 години со една година грејс период, а обезбедувањето е со меница.

„Документацијата потребна за аплицирање во најголем дел останува иста како и во Ковид 1. Посочувам дека микрокомпаниите да не ги забораваме, односно треба да се знае дека формулата нема да важи за компаниите под 5 вработени во смисол, дека тие ќе може да аплицираат во износ од 3 илјади евра без разлика што претходната формула за толку помалку вработени не го достигнува ова ниво.“, изјави Наумов.