Северна Македонија влегува во вторите 30 дена вонредна состојба

0
76

Шефот на државата, на барање на владата, реши да ја повтори мерката која е една од клучните во сетот за справување со ковид-19.

Претседателот Стево Пендаровски, одлуката ја соопшти по денешната седница на Советот за безбедност откако од членовите на ова тело добил преглед и анализа на ситуацијата и досегашните ефекти од вонредната состојба која и дава широки овластувања на владата, меѓу другото и да носи уредби со законска сила.

„Во изминатиот период добивав на дневна база информации. Вчера добив предлог за воведување нова вонредна состојба. Јасно е дека има потреба од нова одлука и неа ќе ја донесам во согласност со моите уставни ингеренции. Мерката ќе трае во наредните 30 дена. Јасно е дека уставотворецот не предвидел ваква ситуација – собранието да не работи и да не може да ја потврди мојата прва одлука за воведување вонредна состојба, во ситуација кога пратениците земаат плата, што значи дека се со валиден мандат, ама собранието не заседава за да ја потврди мојата прва одлука за воведување вонредна ситуација и затоа, јас ја преземам одговорноста само затоа што имаме ситуација без преседан, “, изјави претседателот Пендаровски.

На седницата на Советот не присуствуваа техничкиот премиер, вицепремиерот за европски прашања, како и министерот за здравство, Спасовски, Османи и Филипче од денеска се во самоизолација, откако наодите покажаа дека кумановскиот градоначалник, Димитриевски е позитивен на коронавирусот. Тројцата врвни владини претставници вчера имаа средба со градоначалникот и со кумановскиот кризен штаб. Освен нив, владата соопшти дека во изолација ќе бидат и министерот за образование и државниот секретар во министерството за здравство кои исто така присуствуваа на состанокот.