Штип: Тројца излекувани од коронавирус, а ниту еден заразен

0
82

Тројца излекувани од коронавирус, а ниту еден заразен е денешниот биланс од пандемијата во штипскиот регион. Позитивна вест е што од 31 лице позитивно на коронавирусот досега се излекувани вкупно седум пациенти од Штип или две штипски семејства. Досега 22 проценти од регистрираните се излекувани, а има еден смртен случај. Пред две недели битката со вирусот ја загуби 80 годишна жена на Клиниката за инфективни болести во Скопје. Шест од излекуваните болеста ја поминаа во домашни услови, а само еден пациент се лекуваше на штипското Инфективно одделение.

Се чекаат резултатите од вторите тестови за уште четири лица, доколку им бидат негативни и тие ќе влезат во бројката на излекувани. Од 24 штипјани кои се уште се лекуваат шестмина се здравствени работници, по двајца лекари, медицински сестри и болничари. Три медицински сестри од ортопедија кои минатата недела беа изолирани по негативните тестови се враќат на своите работни места, а еден болничар останува во самоизолација.

На штипското Инфективно одделение се лекуваат девет пациенти, од кои двајца се од Штип, а останатите се од Кочани. Негативни се тестовите и за петмината пациенти кои се водеа како сомнителни случаи, но поради респираторни проблеми се задржани на одделението и состојбата им се следи.