Бајден: Трамп е целосна будала затоа што не носи маска

Веројатниот претседателски кандидат на Демократската партија, поранешниот потпретседател Џо Бајден, во вторникот притивкандидатот и актуелен американски претседател, републиканецот Доналд Трамп, го нарече „целосна будала“, бидејќи не носи маска за лице на јавни настапи, тврдејчи дека „неговиот недостиг од цврсто водство во пандемијата чини човечки животи“.

Одлуката дали да се носи маска за лице во јавноста кога се одржува физичка дистанца или не стана контроверзно прашање на националната политичка битка во САД, и по кое двајцата претседателски кандидата имаат дијаметрално спротивни ставови.

Одлуката на Бајден на Денот на сеќавањето, во текот на неговото прво појавување во јавноста од март, да носи маска го провоцираше Трамп да објави фотографија на противкандидатот со коментар „Ова би можело да објасни зошто Трам не сака да носи маска во јавноста“.

Американскиот претседател во текот на низа јавни настани, вклучително и Денот на сеќавањето, не ја носеше маската кога даваше изјави за медиумите, појаснувајќи дека ја носи кога тие не се присутни и кога тоа го наложуваат околностите.

„Тој е будала, целосна будала, бидејќи зборува така. Дури и водечкиот лекар во светот вели дека би требало да носите маска во гужва“, изјави Бајден во снименото интервју за телевизијата CNN. Притоа однесувањето на Трамп го нарече „мачо глупост“ и „лажно мажествено однесување кое луѓето ги чини животи“.

Трамп во вторникот изјави дека смета оти е „многу необично“ тоа што Бајден на Денот на сеќавањето носел маска, имајќи предвид дека се наоѓал на отворен простор и по убаво време.

Појавувањето на 77-годишниот Бајден во јавноста во понеделникот е неговото прво излегувње од домот воопшто по неколки седмици. Причините за тоа не се многу познати, но неговите критичари го толкуваат како недостиг од теми за кои би зборувал и избегнување на непријатни прашања кои би можеле да му ги намалат шансите на ноемвриските избори.