Владата најавува избори во јуни во согласност со Уставот

Предвремените избори треба да се одржат до крајот на јуни. Овој заклучок може да се извлече од потсетувањето на премиерот Спасовски дека според Уставот, избори се одржуваат во рок од 60 дена од распуштањето на Собранието. Математички пресметано, откако ќе заврши вонредната состојба на 31 мај, преостануваат уште 30-тина дена за одржување избори, а тоа е во согласност и со Владината уредба замрзнатите изборни дејствија да продолжат ден по вонредната состојба, која ја издржа проверката од Уставниот суд.

Ден пред втората лидерска средба посветена на новиот термин за предвремени избори, партиите ги задржуваат своите позиции: СДСМ смета дека избори треба да има во првиот можен термин со заштитни протоколи за кампања и за гласање, додека ВМРО ДПМНЕ потсетува дека сите напредни земји бараат политички консензус и исполнување на здравствените критериуми за да одат на избори. Нивните различни ставови се прелејаа и во ДИК и предизвикаа разногласие околу Избирачкиот список: дали прочистувањето треба да почне од почеток или со дополнување на листа од оние што починале или станале полнолетни во овој период.

Во наредните две недели, додека Владата има право да носи уредби со кои ќе ги менува законите, треба да се измени и Изборниот законик, за да одговори на дилемите:

-Дали треба да се продолжи времето на гласање по 19 часот

-Дали треба да се ограничи бројот на набљудувачи во една просторија за да се одржи дистанца од два метри

-Дали треба избирачките места да се преселат во други поголеми простории

-Како ќе гласаат болните од Ковид 19, а како илјадници што се во изолација и карантин

-Како ќе функционира заштитата на изборните органи кои го спроведуваат гласањето, посебно на оние кои ќе ги посетуваат болните

-Дали државата е подготвена да плати за заштитна опрема, маски, пенкала за еднократна употреба и дезинфекциони средства на избирачките места

Вакви измени на Уредбата несомнено би ја зголемиле цената на изборите, но заштеда доаѓа од неорганизирањето избори во дијаспората. Уште пред пандемијата, ДИК донесе решение дека нема да се организира гласање во странство поради недоволен интерес од нашите иселеници.