ВМРО-ДПМНЕ: ЈО молчи за случајот со Ден Дончев

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ денеска директно го обвини лидерот на СДСМ, Зоран Заев и ЈО дека го штитат поранешниот доректор на Фондот за здравство Ден Дончев, за кого тврдат дека незаконски се стекнал со над 100 000 евра во два наврати.

Дафина Стојаноска, членка на ИК на ВМРО-ДПМНЕ денеска го обвини ЈО дека молчи за случајот.

„Медиумите објавија аргументи и докази кои индицираат на криминал кои сите го гледаат, само обвинителите од јавното обвинителство кои што се задолжени за гонење на криминал молчат. Јавното обвинителство молчи и со тоа директно го крие и го помага криминалот на Ден Дончев“,

изјави Стојаноска на прес-конферебнцијата пред ЈО.

Според неа, ЈО со своето неделување и непостапување дозволило Дончев во 2018 година незаконски да се стекне со 50 000 евра без за тоа да биде повикан на распит, а „неделувањето во 2018 година му овозможило на Дончев да помине неказнет и да го стори истото дело и во 2019 година кога од страна на истата фирма од Муртино Ремаркет му биле префрлени 80.000 австралиски долари“.

Таа рече дека покрај ЈО, за постапките против Дончев не реагирале ниту државните институции како Управата за финансиско разузнавање, Финансиската полиција и УЈП, кои како што кажа биле под контрола на Заев.

Шефицата на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција Вилма Русковска на 15 мај соопшти дека се води истрага за доскорешниот директор на Фондот за здравствено осигурување, Ден Дончев, но не кажа детали за каква истрага станува збор.

Неделникот „Фокус“ објави дека по барање на Обвинителството за организирал криминал, Управата за финансиско разузнавање утврдила дека Дончев добил над 3 милиони денари по основ на плати, од компанијата со основна дејност за интернет-портали „Ремаркет“, која се финансирала исклучиво од австралиската фирма „Мегантик“.

Дончев, пак, во изјавата за овој весникот вели дека парите што ги добил од компанијата „Ремаркет“ за консултантски услуги што ги дал за австралиската „Мегантик“ се најуредно пријавени во Управата за јавни приходи и за нив е платен соодветниот данок, како и дека воопшто нема страв од истрага бидејќи не е првпат во последните 20 години да се води истрага против него во кои секогаш било констатирано оти работел според законот.

Од Антикорупциската комисија изјавија дека го разгледале предметот по допрен глас и утврдиле дека Дончев нема пријавено дополнителни приходи и дека работат на случајот.

Дончев на почетокот на месецов си поднесе оставка, од како што наведе, приватни причини.

Извор 360