Годинава треба да почне изградбата на патарините на автопатот Миладиновци – Штип

0
33

Воведувањето на електронската наплата на патарина на Коридорот 8 и изградбата на двете наплатни станици на автопатот Миладиновци – Штип ќе започне годинава. Распишаниот тендер за овие два проекта е во вредност од 13,7 милиони евра, при што во тек е евалуацијата на првата фаза од тендерската постапка, информираат за „Мета.мк“ од Јавното претпријатие за државни патишта.

– Прелиминарно се очекува двете фази од постапката да се завршат кон крајот на месец јуни. По ова ќе следи потпишување на договор со најповолниот понудувач. Откако ќе се потпише договорот ќе се започне со изградбата на наплатните станици на автопатот Штип – Миладиновци – велат од ЈП за државни патишта.

На овој автопат е предвидено да се изградат наплатните станици „Кадрифаково“ и „Преод“. Веднаш штом се пуштат во употреба, на овие патарини ќе може да се врши електронско плаќање на надоместокот со М – смарт картички и М – тагови.

Покрај на автопатот Миладиновци – Штип, со тендерот е предвидено инсталирање на електронската наплата на патарина и на наплатните станици „Миладиновци“, „Глумово“, „Желино“, „Тетово“ и „Гостивар“ на Коридорот 8. Со веќе воведените електронски уреди за плаќање патарина на Коридорот 10, во иднина ќе може да се плати патарина на сите наплатни станици во земјава и да се оствари попуст од 2 до 7 отсто.

Средствата за реализација на проектот се обезбедија со кредит од Европската банка за обнова и развој, за кој беше потпишан договор во септември минатата година. Со овие финансии е предвидено да се изгради и наплатната станица „Арбиново“ на автопатот Кичево – Охрид, но градежните работи за изведба на патарината ќе следат штом заврши изградбата на овааделница.

Извор Мета