Густо на границата – нов спор помеѓу Атина и Анкара

0
136

Турски војници наводно запоседнале грчки мини остров на реката Еврос (Марица), која е граница со Грција. Атина ја демантира ваквата вест, но сепак протестира. Спорна, по се’ изгледа, е новата гранична ограда.

Барем една работа не е спорна: реката која во својот бугарски тек се вика Марица, а во Грција – Еврос, е природна граница помеѓу Грција и Турција. Во 2012 година Грција на нејзе подигна ограда висока три метри и долга десет километри, за да ја запре „нерегуларната миграција“ од Турција

Претседателот Реџеп Таип Ердоган во февруари 2020 година на друго место ја отвори границата кон Грција за бегалци, а Грција реагираше со полициска сила. Владата во Атина тогаш најави дека ќе ја продолжи оградата со бодликава жица.

На средината на април на Турција и’ е соопштено дека работите ќе продолжат и тоа исклучиво на грчка територија. На единаесетти мај турскиот министер за надворешни работи протестираше поради тоа и предложи средба на грчки и турски стручњаци за да не дојде до повреда на границата.

Двете страни имаат проблем што границата може да се менува и без влијание на човекот. Константинос Филис, директор на атинскиот Институт за меѓународни односи, објаснува: „Како што поминува времето и се менува коритото на реката, тоа е нормално во оваа област. И, поради тоа може да дојде до незначителни промени на границата.“ Филис вели дека во последните неколку месеци долж течението на реката се развило мочуришно подрачје кое потоа се исушило. Сега е тешко да се каже од која страна на границата се наоѓа спорното земјиште, отприлика еден хектар. Така што, ниту Филис не може да каже дали турските војници стапнале на грчко тло.