Земјава доби половина милион евра грант од ЕУ за борба против африканска чума

Грант од ЕУ, вреден 540.740 евра, доби земјава за борба против африканската свинска чума. Договорот го потпиша Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), која беше иницијатор на поддршката уште во август минатата година.

Според Договорот потпишан на 24 април, АХВ до крајот на 2020-та ќе треба да ги реализира планираните активности со кои аплицираше, а средствата потоа ќе и бидат рефундирани.

Како што вели за МИА директорот на Агнцијата, Зоран Атанасов, африканската свинска чума се уште демне. Во Србија, Бугарија и Грција е присутна, но кај нас не. Засега добро се справуваме со предизвиците.

-Од јули/август лани кога во Бугарија африканската чума почна масовно да се појавува на фармите, а потоа беше регистрирана и во Србија, како и во Грција, нашето опкружување не е баш оптимистичко. Веќе во август доставивме писмо до Европската комисија со кое побаравме финансиска поддршка за применување превентивни мерки и рано детектирање на болеста. Набрзо во септември добивме позитивен одговор, но се роди идеја поддршката да биде за целиот регион (Северна Македонија, Србија, Црна Гора, БиХ). Практично, на наша иницијатива, земјите од регионот кои не се членки на ЕУ добија европска финансиска поддршка. Притоа, македонската програма доставена до Евроспката комисија беше и најприфатлива, па по нејзин терк, со соодветни прилагодувања, беа направени и оние на Србија, Црна Гора, БиХ, истакнува Атанасов.

Со одобрениот грант од 540.740 евра ќе се покријат трошоците за изготвување флаери и брошури, за билборди што ќе се поставуваат по патиштата, за одржување работни средби на сите засегнати страни, ветеринарни и ловечки друштва, институции, фармери. Ќе се емитуваат и промотивни спотови на интернет портали за кои склучувањата на договорите се во тек.