Караџовски за Телма: 20 од 36-те ново заболени имале контакт со заразено лице, стручни тимови ќе ја анализираат ситуацијата во Тетово и Велес

Комисијата за заразни болести денеска изрази загриженост од бројот на ново заболени лица од корона вирусот, 36,особено во полошкиот регион, каде во Тетово и Гостивар има нови 13 случаи, но исто така и во Велес и Скопје.

Затоа било одлучено дека нема да бидат донесени никакви мерки за олабавување, со цел да се утврди дали станува збор за состојба која се случува само еден ден или е нешто што ќе треба дополнително да се анализира, согласно резултатите од тестирањата во наредните два дена, изјави за Телма, Прим.др Жарко Караџовски.

“Она што ние денеска констатиравме е дека треба да направиме увид на терен, за што ќе се формираат 2 тима кои ќе излезат на терен, во состав епидемиолог, инфектолог, претставник на министерство за здравство и државен санитарен и здравствен инспекторат. Овие 4 лица ќе одат на увид во центарот за јавно здравје Тетово и центарот за јавно здравје во Велес и будно ќе ја следиме состојбата во наредните неколку дена и никаква одлука за олабавување на мерките нема да биде донесена додека не се добие информација за трендот на движење на заразното заболување Ковид -19. Денеска констатиравме дека 20 лица од овие 36 биле во контакт со заразено лице. Тоа значи дека најверојатно се работи за непочитување на мерките кои се донесени во изминатиот период. Согласно инкубацијата на ова заболување од 10 до 14 дена, ние ги лоцираме проблемите дека се случиле некаде околу Велигден и 1-ви Мај – изјави Караџовски.

Комисијата зазела и став дека ниедна од епидемиолошките мерки кои биле предложени не биле почитувани за време на литијата која се случи во Струга и заради непочитувањето на овие мерки, резултатот не е подобар.

Караџовски предупреди дека последиците од непочитувањето на мерките за заштита , како на настанот во Струга, ќе се случат во период од 8 до 10 дена по нивното случување.

Извор Телма