Катица Јанева кривично ќе го гони Боки 13

0
39

Катица Јанева бара кривично да се гони Бојан Јовановски попознат како Боки 13 затоа што неовластено ја снимал. Јанева пријавата за Боки 13 кој е заедно со неа обвинет во случајот „Рекет“ ја подготвила пред два месеца. Ова беше дел од дополнителните докази на поранешната шефица на СЈО доставени на денешното судење за „Рекет“.

Прашање: Што сакате да докажете со тој доказ во овој случај?

„Ништо. Очигледно е дека тоа се неовластени снимки. Така што тоа е кривично дело и сметавме дека на овој начин треба да постапиме“, рече Дељо Кадиев, адвокат на Јанева.

Адвокатите на Јанева негодуваа бидејќи им се одбиени 16 – те аудио снимки со гласот на Орце Камчев кои беа објавени на Јутјуб веднаш по стартот на судскиот процес „Рекет“. Обвинителството веќе петти месец истражува кој ги објавил. На денешното судење за „Рекет“ беа одбиени и доказите што дополнително ги доставија адвокатите на Боки 13. Образложението на судијката Васка Николовска Масевска е дека тоа можеше да се направи пред почетокот на судењето, бидејќи новите не се произлезени од досегашните изведени докази презентирани пред судот.

Тука реагираше самиот Боки 13 кој побара да објасни зошто сега се поднесени, но по неколку прозивки од судијката беше опоменат дека ќе биде избркан од судењето. Во одбиената листа на докази има 10 сведоци. И тоа: поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање Горан Николовски, експремиерот Зоран Заев, актуелниот премиер Оливер Спасовски, министрите Радмила Шекеринска и Венко Филипче, но и поранешни уредници во 1ТВ – Ацо Кабранов, Гордана Дувњак, Јадранка Костова, Сашо Ордановскаи и Анета Кочишки.

„Ние не ги понудивме во почетокот на постапката затоа што сметавме дека тоа ќе произлезе од вештачењето на мобилниот телефон. Побаравме да биде извештачен телефонот од наш технички советник. И кога не го даде обвинителот тоа, побаравме судот да му нареди. Судот тоа го одби. Имате сослушување на ИТ техничар којшто вели јас не сум вешто лице, не сум го извештачил телефонот“, вели Сашко Дукоски, адвокат на Боки 13.

Судењето за „Рекет“ продолжува за два дена. Збор ќе имаат двајцата обвинети Бојан Јовановски и Катица Јанева. Тие ќе можат да ја дадат својата одбрана во кривичните дела – примање награда за противзаконито влијание и перење пари, односно за злоупотреба на службената положба и овласувања. Со ова самото судење влага во финиш, ќе следат завршните зборови и пресудата. Боки 13 и Јанева се обвинети дека од бизнисменот Орце Камчев изнудиле 1,5 милион евра за да му се олесни положбата во истрагата „Империја“ што ја водеше тогашното СЈО. Во тој предмет, пак, Камчев е осомничен со уште 12 лица за испрани речиси 11 милиони евра.

Извор АлсатM