Ковид-19: Речиси една третина од починатите се во САД

На интернет-страницата „Ворлдометерс“ денеска бројката на смртни случаи во САД е 102 107, додека вкупниот број на починати од ковид-19 во светот е 357 691 лица

Бројот на почнати како последица на ковид-19 во САД надмина 100 000, што е најголем број жртви во светот во една земја, објави доцна синоќа универзитетот „Џонс Хопкинс“.

На интернет-страницата „Ворлдометерс“ денеска бројката на смртни случаи во САД е 102 107.

Првиот смртен случај во САД беше регистриран кон крајот на февруари, и досега во земјата се дијагностицирани 1 745 803 лица заразени со коронавирусот. Сепак, експертите веруваат дека бројот на заразени е значително поголем.

Во последните 24 часа во Соединетите Држави починале 1 401 лице. Федералната држава Њујорк, која е најпогодена од коронавирусот во САД, брои третина од загинатите.

Проценка на универзитетот „Џонс Хопкинс“ е дека бројот на смртни случаи до 20 јуни ќе достигне 123 000.

И покрај големиот број заразени, рестриктивните мерки се олеснети во САД бидејќи претседателот Доналд Трамп сака да ја заживее економијата.

Според „Ворлдометерс“ бројот на досега заразени со коронавирусот во светот се приближува до 6 милиони и денеска изнесува 5 803 099, од кои досега починаа 357 691 луѓе, додека 2 508 591 оздравеле.

Извор 360