Косово, Уставниот суд го „замрзна“ указот на Тачи, на потег Венецијанската комисија

0
50

Владата на Косово ја поздрави одлуката на косовскиот уставен суд кој одлучи во полза на барањето на Самоопределување за привремено стопирање на спроведувањето на указот на претседателот Хашим Тачи до 29 мај. Имено, тој му овозможуваше на кандидатот на Демократскиот сојуз на Косово, Авдулах Хоти да биде избран за премиер на Косово. В.д. премиерот Албин Курти побара мислење и од Венецијанската комисија за надлежностите на претседателот во делот на предложување на нов мандатар за премиер на Косово, по изгласаната недоверба на неговата влада.

„Во линија со настанатата ситуација во Косово мислењето на Венецијанска комисија би служело за јакнење на демократијата и уставното право. Исто така мислењето на Венецијанската комисија би имало супстанцијална вредност не само за Косово, туку општо за уставните практики во сите земји-членки на Комисијата.“-изјави Албин Курти, В.Д. премиер на Косово.

Демократскиот сојуз на Косово соопшти дека ја почитува одлуката на Уставниот суд. Но, од таа партија го обвинија Курти дека им се заканувал на уставните судии.

„Изгледа на оваа влада веќе не и пречат констатациите дека ги прекршила Уставот и законите преку нејзиниот премиер кој сака да има сè под контрола. Тој на Уставниот суд му се обрати со заканувачко писмо…“-рече Арбан Абраши, ДСК.

Претседателот Хашим Тачи на Фејсбук повторно реагираше за министерот за внатрешни работи Џељал Свлеча за случајот Бехџет Пацоли. Тачи напиша дека Собранието треба да ја разгледа заканата и да преземе соодветни мерки.

„Заканата која еден вршител на должност во една Влада во заминување ја упатува кон претседателот Бехџет Пацоли, партиски лидер и актуелен пратеник во косовското Собрание, дека ако отиде во Собранието ќе биде уапсен, тоа е неприфатливо и многу опасно за нашата демократија.“, изјави Хашим Тачи, Претседател на Косово.

Извор АлсатМ