Кралицата Елизабета ги повика Британците никогаш да не губат надеж

Кралицата Елизабета Втора се потруди да го подигне моралот на Британците, тешко погодени од пандемијата на коронавирус и ги потсети „никогаш да не губат надеж“, во говорот објавен на годишнината од крајот на Втората светска војна.

„На почетокот изгледите беа мрачни, крајот далеку и исходот неизвесен“, се сеќава на кралицата за Втората светска војна. „Но, сепак верувавме во оправданоста на нашата борба и таа вера не носеше. Никогаш не се откажувајте, никогаш не губете надеж, тоа беше пораката на денот на победата во Европа“.

Говорејќи за војниците убиени во борбите, кралицата оцени дека „најголемо оддавање почит за нивната жртва е тоа што земјите што некогаш биле заколнати непријатели сега се пријателски настроени и работат заедно во корист на мирот и здравјето на сите“. Таа исто така рече дека е горда на тоа како нејзините сонародници се борат денес против пандемијата на коронавирусот и оцени дека оние кои некогаш се бореле против нацистичка Германија сега би им се восхитувале. Таа додаде дека улиците на Велика Британија денес не се празни, туку исполнети со љубов. Говорот е снимен во замокот Виндзор, на четириесет километри од Лондон, каде што 94-годишната кралица и нејзиниот сопруг, принцот Филип (98), престојуваат од почетокот на пандемијата. Тоа е втор телевизиски говор на британската кралица за време на пандемијата во која починаа повеќе од 31 000 Британци, во однос на што, Велика Британија е втора најпогодена земја во светот.