Кумановскиот кризен штаб бара да се донесат мерки за заживување на хотелите, рестораните и кафулињата

Владата во најитна постапка да донесе соодветни мерки, протоколи и препораки за брзо заживување на стопанските субјекти (хотели, ресторани, кафеани, кафулиња, занаетчиски дуќани и мали трговски единици) на територијата на oпштина Куманово. Вакво барање упати кумановскиот кризен штаб по денешниот состанок.

Во таа насока, штабот од Владата бара јасни и прецизно детерминирани услови и насоки за начинот, поставеноста и внатрешното уредување на функционалниот поростор во овие објекти.

Согласно преtходните мерки предложени од страна на Владата, кризниот штаб препорачува градоначалникот да ги врати во функција сите служби во рамки на Општина Куманово, како и во jавните претпријатија, со цел да се запази функционалноста на општината и потребите на граѓаните.

„Согласно барањата на преtходно одржаниот состанок со претставници на локалниот економски совет, едно од приоритетните барања е за делумно враќање на градскиот превоз за потребите на стопанството. Кризниот штаб порачува до градоначалникот во консултација со Владата во најскор можен рок да излезе со предлог за реализација на барањата“, наведуваат од кризниот штаб по состанокот.

Кризниот штаб предложи повеќе заклучоци, меѓу кои да се прекине со понатамошна дезинфекција на претходно определени пунктови за возила освен на двата пункта кои патно ја поврзуваат општина Липково со општина Куманово ( пункт Огрев и пунктот во Бедиње); да се прекине со понатамошна превентивна дезинфекција на колективните објекти за домување и таа обврска да се пренесе на приватните субјекти (станбените домари) кои и до сега согласно законот се задолжени за грижа и одржување на истите; да се прекине со понатамошна превентивна дезинфекција на јавните простори и јавни површини во општина Куманово, да се продолжи со редовно миење на улиците со натриум хипохлорид по дефинаран план и динамика во ЈП „Чистота и зеленило“.