Лидерската средба кај Пендаровски в понеделник точно напладне

Лидерската средба под покровителство на претседателот Стево Пендаровски, на која треба да биде направен нов обид за договор меѓу релевантните политички партии за терминот за одржување на парламентарните избори, е закажана за в понеделник во 12 часот.

Информацијата за „360 степени“ ја потврдија и од кабинетот на шефот на државата, од каде велат дека сите поканети лидери го потврдиле учеството. Претседателот Пендаровски вчера по состанокот на Советот за безбедност рече дека понеделник бил одреден како термин за средбата, но дека некои од лидерите првично рекле дека имаат други обврски тој ден.

По дополнителните консултации, сепак, понеделник на пладне е усогласен како тајминг за нова лидерска средба.

На претходната средба што се одржа во вторникот лидерите се договорија да се сретнат повторно во почетокот на следната седмица, откако ќе ги консултираат Комисијата за заразни болести, ДИК и ОБСЕ-ОДИХР околу тоа кој би бил најповолниот термин за одржување на изборите, согласно со здравствената ситуација во државата и роковите во кои треба да завршат изборните дејствија.

„Со консензус беше одлучено дека здравјето на граѓаните останува приоритет. Во на понатамошните чекори договорено е да се побара мислење од Комисијата за заразни болести во однос на мерките и протоколите кои треба да се почитуваат при одржување на изборни процеси во време на пандемијата на ковид-19. Државната изборна комисија е потребно да достави мислење за временските рокови кои и се потребни за завршување на подготовките за спроведување на изборниот процес, а исто така ќе биде побарано и мислење од Канцеларијата на ОБСЕ/ОДИХР за временската рамка во која може да испратат набљудувачка мисија за изборите“,

соопштија по средбата од кабинетот на Пендаровски.