Николоски го обвини државниот врв за молк во врска со бугарскиот документ

0
33

Потпретседателот на ВМР0-ДПМНЕ Александар Николоски денеска ги обвини претседателот на СДСМ Зоран Заев, Владата и претседателот Стево Пендаровски за криење, но и молк по Изјавата на Бугарија прикачена кон записникот на Советот за општи работи на ЕУ од 25 март.

Во документот, односно изјавата, Бугарија бара Скопје да престане со каква било поддршка на организации кои се декларираат како македонско малцинско во Бугарија, во меѓународни организации земјава да декларира дека нема каква било основа да бара малцински статус за која било група, се бараат и конкретни работи и политичка вклученост во работата на Заедничката комисија за историски и образовни прашања, а јазикот во ЕУ документите и преговарачката рамка Софија бара да се именува како официјален јазик на Република Северна Македонија.

„Во изминативе две недели стана сосема јасно дека Европската интеграција на Македонија се соочува со голема препрека. Документот на Бугарија со кој се условува интегрирањето на земјава и продолжување на патот кон ЕУ е последица на неспособната дипломатија и е уште едно фијаско на Владата на Заев. Документ кој беше криен од јавноста со цел никој да не знае за истиот ја донесе Македонија пред свршен чин. Она што е најстрашно е тоа што имаме молк од Владата, од Заев и директна заштита од Стево Пендаровски. Заев и власта доколку ова го прифатат или се потврдат сомнежите кои ги имаме влегуваат во втора фаза на создавање на нов јазик, на држава со нов идентитет и име и создавање на таканаречена северномакедонска нација“, изјави денеска Николоски.

Николоски вели дека претседателот Стево Пендаровски е координиран со СДСМ и затоа вчера соопштил дека нема намера на престојната лидерска средба да го стави на дневен ред „во моментот најзначајното прашање за иднината на Македонија и Европската интеграција“.

Претседателот Пендаровски пак во вчерашното гостување на 360 степени на Алсат-М телевизија изјави дека „ако цената да влеземе во Европската унија е да кажеме дека не сме Македонци и да кажеме дека нашиот јазик се именува некако поинаку освен македонски јазик, не ни треба Европската унија“.

Извор Р С Е