Новата еврообврзница од 700 милиони евра за покривање на буџетски дефицит и враќање на стари долгови

Пари е лесно да се најдат, но тешко ќе се враќаат. Вака познавачите на проблематиката го коментираат издавањето на шестата еврообврзница, вредна рекордни 700 милиони евра.

Поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини во телефонски разговор за Канал 5 го оправдува задолжувањето, но вели дека тоа мора да биде оптимално.

„Треба да се води сметка утре Македонија ќе дојде во многу тешка ситуација, затоа што и така наредните години се зголемуваат обврските према странство и поради изградбата на автопатиштата. Влага Македонија во еден период каде тешко ќе ги плати. Тие ќе ги плати, ама имаат предност, ќе мора да се откаже од многу други акутни потреби на стопанството и народот.“,вели Џевдет Хајредини, поранешен министер за финансии.

700те милиони евра, кои вчера ги позјами владата од неколку големи банки, со камата од 3,6% и рок на плаќање од 6 години, ќе се трошат за покривање на буџетскиот дефицит предизвикан од Корона кризата и за враќање на стари долговои. Од Министерството за финансии уверуваат дека каматата е втора најниска по која земјава издала еврообврзница, по таа во 2018.

-Интересот на странските инвеститори за македонската еврообврзница беше 5 пати поголем од износот кој беше издаден. Ова е уште еден податок, покрај поволната каматна стапка, што укажува на доброто позиционирање кај странските инвеститори и нивната доверба во земјава. Ова се должи на макроекононмската и финансиска стабилност, велат од Министерство за финансии.

Со ваквите оценки не се согласува опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Според нив доколку земјава се задолжела пред 2 месеци, каматите ќе биле пониски, државата ќе заштедела,а граѓаните ќе враќале помалку пари.

Со ребалансот, планирано е дупката во буџетот годинава да достигне 750 милиони евра, а јавниот долг 58% од БДП.

Вредност: Камата:

2005 170 милиони 4,62%

2009 175 милиони 9,87%

2014 500 милиони 3,97%

2015 270 милиони 4,87%

2016 450 милиони 5,62%

2018 500милиони 2,75%

2020 700 милиони 3,67%

Извор Канал5