Поради финансии, одложени локалните избори во БиХ за 15 ноември

0

На денешната седница во Сараево, Централната изборна комисија на БиХ донесе одлука дека годинашните локални избори ќе се одржат на 15 ноември, наместо на 4 октомври.

Претседателката на ЦИК на БиХ, Вања Бјелица-Прутина рече дека изборите биле одложени поради недостиг на финансиски средства.

На 7 мај ЦИК одлучи да распише локални избори во БиХ за 4 октомври, но вчера истече рокот определен со Изборниот закон за обезбедување пари за нивно одржување, а средствата сè уште не се обезбедени. Причина е неусвојувањето на буџетот на БиХ, поради што ЦИК беше спречена да ги започне најважните процедури за јавни набавки.

ЦИК претходно соопшти дека се потребни околу девет милиони конвертибилни марки за спроведување на годинашните локални избори, од кои околу 4,2 милиони треба да бидат обезбедени во буџетот на институциите во БиХ. Останатите средства кои се потребни за спроведување на изборите ги обезбедуваат градовите односно општините.